Нашата историја

1963

На 26 јули 1963, рано наутро во 5.17, катастрофален земјотрес го разруши заспаното Скопје. Сликите и вестите од оваа катаклизма, во која загинаа повеќе од 1000 луѓе, се најдоа на првите страници од светските медиуми. Потребата за мобилизација во надминувањето на уништувачките последици беше огромна и со планетарни димензии... “Скопје не смее да остане само репортажа од насловните страници, туку и обврска на сите нас, на сите луѓе кои денес-утре, по сличноста на некоја катастрофа, можат да станат скопјани”. Алберто Моравија, 1963 “Скопје не е филм, тоа не е трилер во кој го насетуваме главниот настан. Тоа е концентрат на човековата борба со природата, но и резултат што вдахнува за нова борба, а не за прифаќање порази”. Жан Пол Сартр, 1963

 

Првите донации

Светската и југословенската заедница покажаа извонредно широка солидарност и спремност да ја помогнат обновата на Скопје. Како значаен дел од оваа солидарност во Скопје почнаа да пристигнуваат и првите спонтани донации на дела од повеќе европски и југословенски уметници. Такви на пример беа донациите на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо и германскиот графичар Хап Грисхабер, како и оние од приватната колекција на наивна уметност на хрватскиот колекционер Герхард Ледиќ. Уште една спонтана реакција во овој период уследи и од познатиот црногорски и српски уметник Петар Лубарда, кој ги подари сите свои дела од неговата самостојна изложба поставена во неколку југсловенски градови есента 1963 година.
Напоредно со овие индивидуални гестови, дојде и до организирани акции поттикнати од Меѓународното здружение на ликовни уметници (AIAP), кое на својот конгрес одржан во октомври 1963 во Њујорк упати апел до уметничките асоцијации и индивидуални уметници во светот да помогнат во создавањето колекција на уметнички дела со која ќе ја поттикнат обновата на градот. Првата таква акција ја организираше италијанската секција на AIAP под раководство на галеристот Марио Пенелопе, уметникот Енрико Паулучи и Палма Букарели, директорката на Националната галерија на модерна уметност во Рим. Со истата цел во Франција е формиран Комитет за помош на Скопје, кој го раководи познатиот писател и историчар Жан Касу и во кој членуваат сликарот Жак Дусе, секретарката на познатиот париски Мајски салон, г-ѓа Жаклин Салц и уметникот и теоретичар Ивон Тајандие; во Комитетот во Англија учествуваат сликарите Денис Боуен, Кенет Коуц-Смит, Питер Б’рд и скулпторот Џеси Воткинс.

 

Основањето на новиот музеј

Овие првични донации и активности, како и оние што следеа потоа од меѓународните здруженија на критичарите (AICA), музеите (ICOM) и други организации и поединци, придонесоа во Скопје да пристигне, само неколку месеци по земјотресот, една забележителна збирка од над сто уметнички дела. Овој податок, здружен со ентузијазмот и визионерството на неколку врвни македонски политичари и редица уметници и личности од јавниот живот, ја покренаа идејата за формирање на Музеј на современата уметност. Во Иницијативниот одбор, којшто требаше да ја спроведе оваа идеја, влегоа триесет истакнати личности од јавниот и културниот живот на Македонија и Југославија: Коста Ангели Радовани, Антун Аугустинчиќ, Ото Бихаљи-Мерин, Драгутин Аврамовски Гуте, Михаил Банде, Божо Бек, Петре Богдановски-Кочко, Славко Брезовски, Душан Џамоња, Ванчо Георгиевски, Нандор Глид, Петар Хаџи Бошков, Трпе Јаковлески, Димитар Кондовски, Зоран Кржишник, Лазар Личеноски, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Петар Мазев, Пеџа Милосављевиќ, Томе Момировски, Грга Новак, Ордан Петлевски, Мариј Прегељ, Миодраг Протиќ, Младен Србиновиќ, Марино Тартаља, Димо Тодоровски, Крум Томовски и Иван Велков. За претседател на Одборот е избран Кемал Сејфула, а за секретар Борис Петковски. Градското собрание ја прифати програмата за работа на идниот музеј, предложена од Иницијативниот одбор и со официјален акт донесен на 11 февруари 1964 година го основа Музејот на современа уметност Скопје.

Иницијативен одбор за формирање на МСУ

Писмото на Александер Калдер за неговата донација на дела

Растот на колекцијата

Назначувањето на Борис Петковски за прв директор на Музејот на современата уметност, кој заедно со малубројната екипа кустоси и технички персонал работи со голем ентузијазам и посветеност на развивањето на новата институција, придонесува МСУ да влезе во извонредно динамични активности обележани со бројни изложби, планирање на новата музејска зграда и особено со потребата од зголемување на колекцијата.
Во наредните неколку години донациите рапидно се зголемуваат и набрзо достигнуваат бројка од речиси 2000 дела. Дела пристигнуваат од сите страни на светот. Првиот значаен потстрек доаѓа со подигнувањето на реномето на новата колекција кои го носат донациите на Пабло Пикасо, Александер Колдер, Ханс Хартунг, Пјер Сулаж, Зоран Мушич, Андре Масон, Виктор Вазарели и редица други познати уметници, што со голема умешност и со помошта на влијателните Жан Касу и Бернар Доривал успева да ги обезбеди Борис Петковски за време на неговиот студиски престој во Франција во 1965. Неколку години подоцна директорот на Националната галерија од Прага, др. Јиржи Коталик ја координира донаторската акција во Чехословачка, од каде што пристигнуваат делата на Емил Фила и Франтишек Музика, пионерите на чехословачката модерна уметност, а слична организација се основа и во Полска и во неколку други земји. Приближно во тој период пристигнуваат и делата на Алберто Бури, Кристо, Дејвид Хокни, Џаспер Џонс, Хенрик Стажевски, Јанис Гаитис и редица други значајни уметнички имиња во повоената уметност.
Донациите продолжуваат да пристигнуваат со несмален интензитет и во текот на 1970-те и 1980-те години, меѓу кои се и оние на Сол ЛеВит, Клод Вијала, Луи Кан или Георг Базелиц и бројни други уметници од над 40 земји: Италија, САД, Југославија, Чехословачка, Полска, Данска, Грција, Норвешка, Германија, Шпанија, Канада, Јапонија, Кореја, Ирска, Норвешка, Португалија, Унгарија, Аргентина, Ирак, Мароко, Турција, Австрија, Белгија, Иран, Мексико, Финска, Холандија, Шведска, Романија, Русија, Израел, Венецуела, Исланд, Јужна Африка, Швајцарија.
Меѓу најбројните донации се вбројуваат и делата на повеќето македонски уметници, кои се основата за големата и опсежна колекција, која го опфаќа развојот на македонската модерна и современа уметност.

 

Изложби

Иако на почетокот нема свои посебни простории, младиот и посветен тим на МСУ, организира повеќе повремени изложби во различни галериски простори во Скопје. Посебно значаен и успешен за афирмирањето на новата институција во јавноста е периодот од 1966 до 1970 година, кога Музејот успева да добие изнајмен галериски простор во центарот на Скопје, кадешто организира динамична изложбена активност: изложбите на Ханс Хартунг и Ана-Ева Бергман; Поп-арт графиката (Ворхол, Лихтенштајн, Веселман, Дајн, Розенеквист и др.); графиката на Пабло Пикасо; Современата американска графика (Раушенберг, Невелсон, Френсис, Модервел и др.); и самостојните изложби на Јордан Грабул, Ристо Калчевски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Душан Перчинков, Танас Луловски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Вангел Наумовски, Крсто Хегедушиќ, Р. Рељиќ и Д. Оташевиќ, Мариј Прегељ и многу други, привлекуваат голема публика и забележително го менуваат пејзажот на ликовниот живот во Македонија.
Овој тренд ќе добие уште поголем квалитет со отворањето на новата зграда на МСУ во 1970 и со поставувањето на првата Постојана поставка, во која е за прв пат интегрално претставена музејската колекција. Постојаната поставка доживува уште две верзии во 1981. и 1986. во кои се внесуваат тековните донации и акизиции. Со обемната и организациски сложена изложба Од Пикасо до Калдер, прикажана во Сараево, Белград, Загреб и Приштина (1985/86) Музејот по прв и единствен пат ја претстави својата колекцијата надвор од Македонија. Почнувајќи од 1992 година, стручниот колегиум на МСУ реши делата од колекцијата да ги прикажува само преку повремени тематски или самостојни изложби.
Во својата интезивна изложбена активност, МСУ до денес има организирано над 1.000 домашни и меѓународни проекти, меѓу кои спаѓаат и претставувањето на Биеналето во Венеција (1976, 1993, 2003 и 2005) и бројни изложби на македонската уметност во културни центри како Париз, Лондон, Рим, Минхен, Токио, Стокхолм, Атина, Белград, Загреб, Софија, Сараево и други.

 

МСУ - АРХИТЕКТОНСКО ЗДАНИЕ

Комисијата за изработка на основачката програма на Музејот на современата уметност на своите први состаноци во есента 1963 година ја подготвува скицата за основните содржини, просторните карактеристики и димензиите на идната зграда на МСУ, при што се нагласува потребата од флексибилни просторни решенија погодни за различни медиуми и формати на уметничките дела и зграда опкружена со парк погоден за повремени изложби на скулптури.
За локацијата на Музејот, комисијата предложи делови од најпрометниот центар на Скопје, но по сугестија на полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски, конечно е одбрана највисоката точка на брдото Кале во средиштето на скопската долина и во самиот центар на градот Скопје, а во непосредната близина на средновековната и османлиската тврдина. Изборот на локацијата е мотивиран од урбанистичкиот план за Калето кој е замислен да се уреди како комплексен парк-музеј, во кој Музејот на современата уметност ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје.
Според кажувањето на Борис Петковски, првиот директор на МСУ, во 1965 тој во Париз остварил средба со Ле Корбизје за да го покани да биде автор на проектот на зградата на Музејот, но тоа големиот архитект не можел да го прифати поради други обврски.
Со залагање на А. Циборовски, во изработката на проектот за зградата на МСУ се вклучува владата на Полска, која решава проектот да биде нејзина донација и за таа цел во 1966 година распишува национален конкурс на кој се пријавуваат 89 проекти. Избран е проектот на архитектите Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски, бидејќи ги задоволува зададените барања за примена на современите музеолошки и функционални принципи. Зградата има две нивоа и еден делумно под земја наменет за депоата, конзервацијата и погонските простории. Корисната површина зафаќа вкупно 5428м2, од која 3000м2 отпаѓаат на изложбените простори, а останатите на депоата, администрацијата, инфраструктурата и други пропратни содржини.
Изградбата на Музејот е започната на 5 април 1969. и е завршена во рекорден рок на 13 ноември 1970 година, кога е и свеченото отворање со големата изложба на делата од колекцијата, односно со промоцијата на музејската Постојана поставка.

© MoCA / МСУ